
Денес со голем интерес ќе биде проследена директната дерби-пресметка за Прва лига помеѓу Воска Спорт и Пелистер, која се игра на „Билјанини Извори“ во Охрид со почеток од 15 часот, а гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност во ЖИВО преку директен пренос да уживаат во големото соочување на двата ривали за пласман во елитата на Македонија.
Натпреварот кој требаше да се одигра викендот се одложи за денес, а истиот има огромна важност и за двете екипи, кои имаат фантастична пролет и немаат пораз во пролетниот дел, двете екипи влегуваат израмнети во борбата за трите бодови, можеби мала предност за Воска Спорт ќе биде домашниот терен и домашната публика.
Голема е мешаницата за врвот од табелата во Втората лига. Вардар кој е лидер на табелата прв се проби со над 50 бодови, односно има 52 бодови, потоа следува Гостивар со 48 бодови како втор, а трета е Воска со 47 бодови, додека пак Пелистер со 43 бодови е на четвртото место.
Првото соочување на двете екипи кое се одигра во октомври минатата година во Битола заврши без победник (1:1), а Воска Спорт се спаси од пораз и извлече бод со гол во судиското надополнување.
Хендикеп за Воска Спорт ќе биде неиграњето на Бехар Фета, кој има репрезентативни обврски и нема да биде на располагање на тренерот Берат Имери. Заразлика од Воска Спорт, Пелистер е комплетен и во полн и најсилен состав доаѓа во Охрид.
Трите бодови од овој меч ќе значат многу. Триумф за Воска Спорт ќе значи враќање на второто место на табелата со 50 бодови, во тој случај охриѓани ќе имаат негатива од два бода во однос на лидерот Вардар. Доколку трите бодови завршат на контото на Пелистер, битолчани нема да направат прогрес на табелата, но во тој случај би имале само бод помалку од третопласираната Воска, а два помалку од Гостивар, додека пак од Вардар би имале шест бода негатива.
Натпреварот ќе го суди прволигашкиот судија Јосип Бартон од Скопје, а се очекува трибините на „Билјанини Извори“ да бидат полни. Стартот е закажан во 15:00 часот.