
Натпреварите од 21. коло на Втората лига овој викенд наместо сабота ќе се играат во недела, а на М Нет телевизија ќе можете да проследите два натпревари, кои ќе можете да ги следите и на платформата на ФФМ.
На М Нет телевизија ќе можете да го следите дерби од дното на табелата за опстанок во Втора лига меѓу Борец и Осогово, каде трите бодови се императив и за двете страни во тешката борба за опстанок која ја водат и двете екипи.
Борец по поразот во претходното коло од Вардарски веќе нема право на грешка и против Осогово ќе бара освојување на целиот „плен“, бидејќи во секој друг случај може да извиси и за баражот, а на три бода цели и Осогово, кој освен што ќе го осигура баражот сериозно ќе се доближи до зоната за директен опстанок и на тој начин ќе води борба за директен опстанок.
Овој меч ќе можете да го следите на М Нет телевизија со почеток од 15 часот од Велес.
На спортскиот канал М Нет Спорт ќе можете да го следите натпреварот од Штип, каде Брегалница ќе го пречека Скопје, во меч каде штипјани целат само кон три бодови со цел да продолжат со притисокот кон водечките Македонија ЃП и Башкими, бидејќи „сините“ на Ристе Наумов имаат два бода негатива.
Скопје во градот под Исарот доаѓа комплетно растеретен и без било каков притисок ќе сака бодови од Штип, а за Брегалница само три бодови на патот кон директниот влез во Прва лига.
Преносот од овој натпревар ќе започне во 15 часот, а истиот ќе можете да го следите на М Нет Спорт.
Александар Ванев, М-Нет