Во ЖИВО на М Нет: Арсими – Брегалница, сабота од 16 часот

Во сабота на програмата ќе бидат натпреварите од 27. коло на Втората македонска фудбалска лига, а дербито на колото ќе се игра во Гостивар меѓу третопласираниот Арсими и четвртопласираната Брегалница.

Овој натпревар е дерби во битката за директен влез во Првата македонска фудбалска лига, дерби на две екипи кои претентираат следната сезона да бидат дел од фудбалската елита на Македонија.

Токму затоа овој меч има голема тежина и важност и за едните и за другите. Арсими е трет со 55 бодови на своето конто и игра во најдобра форма од сите второлигаши, тимот од Чегране има четири победи и едно реми на последните пет меча и има освоено 13 од можни 15 бодови. Од друга страна Брегалница е во форма со две победи, две ремија и еден пораз, па тимот од Штип собра осум од можни 15 бодови на последните пет одиграни натпревари.

Двете екипи немаат право на грешка, што го прави дербито да биде тешко и за едни и за другите, трите бодови се од капитална важност. Арсими е пред можноста за директен историски влез во Прва лига, затоа и не сака да погреши, а пак кај Брегалница притисокот е уште поголем, бидејќи заостанува за првите две позиции, па трумф е само опција ако сакаат „сините“ директен влез во Прва лига или пак да бидат во трка за бараж.

Токму дербито на колото меѓу Арсими и Брегалница ќе можете да го следите во живо преку директен пренос од Гостивар на М Нет телевизија, во сабота од 16 часот.

Александар Ванев, М-Нет