Воска Спорт и Брегалница конечно победија, три бода за Гостивар, реми во Кавадарци

Воска Спорт конечно победи и забележа важен триумф над екипата на Македонија Ѓорче Петров, откако на „Билјанини Извори“ во Охрид со 2:1 стигна до своето трето сезонско славје.

Воска Спорт поконкретно го отвори натпреварот и правеше почетек притисок со креирање на шанси. Домашниот тим преку голгетерот Алекса Марушиќ го отвори резултатот за водство од 1:0. Сепак, радоста кај домашните не траеше долго откако Филип Алексовски го совлада Бурхан Мустафа за израмнување од 1:1, резултат со кој се змина и на полувреме.

Во вториот дел Воска Спорт одново беше поконкретна со повеќе шанси. Во 73. минута Бобан Георгиев беше соборен во шеснаесетникот, а Ставрев покажа на белата точка, Марушиќ ја презеде одговорноста и ја стресе мрежата на Стевковски за 2:1. До крајот на натпреварот „лавовите“ правеа притисок со цел да дојдат до брзо израмнување, имаа и свои шанси, но сепак, немаше промена на резултат, па така трите бодови останаа дома, откако резултатот од 73. минута (2:1) стана конечен.

Брегалница конечно забележа триумф и ја израдува домашната публика со триумф од 2:1 над Работнички на Градскиот стадион во Штип.

„Сините“ први стигнаа до водство откако Андерсон постигна гол за 1:0 за голема радост на домашната публика. По 15-тина минути игра Мазари израмни на 1:1 резултат со кој се замина на пауза.

Во вториот дел Вебстер погоди за ново водство на “сината четата” на Здравков од 2:1 во 72. минута, а до крајот мрежите мируваа, па така Брегалница победи по еден месец и го запиша четвриот триумф и сега на своето конто има 13 бодови.

Брера Струмица ја продлабочува својата резултатска криза, од хит стана разочарување откако на последните пет натпревари нема триумф. Денес следуваше нов пораз од минимални 0:1 од екипата на Гостивар, а единствен стрелец беше Кехинде.

Ваквите резултати ја спуштаат Брера на прволигашката табела и сега сенаоѓа на делба на петтото место.

Тиквеш одигра храбар меч против Шкупи и дојде до позитивен резултат и до бод откако ремизираше на домашен терен играјќи 1:1. Тиквеш беше многу повеќе мотивиран на овој меч и може да жали за овој резултат, бидејќи трите бодови беа реална можност да останат во Кавадарци.

Спахиу продолжува да тресе мрежи откако постигна гол и на дуелот со Шкупи за водство од 1:0. Воша со гол во 37. минута израмни на 1:1 на полувреме. Во вториот дел Тиквеш имаше неколку сериозни шанси но не успеа да направи ништо од истите, па резултат од првиот дел (1:1) стана конечен.

Колото ќе биде комплетирано утре со дербито во Скопје меѓу “фенерџијата” Вардар и лидерот Шкендија и соочувањето на шампионот Струга Трим Лум и кратовски Силекс.