Воска Спорт ги договори пријателските натпревари преку кои ќе се темпира формата

Второлигашот Воска Спорт закажа неколку пријателски натпревари преку кои ќе ја темпира формата за пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига.

Амбициозниот второлигаш од Охрид во пролетниот дел влегува со цел атак на првите две места кои директно водат во Првата македонска фудбалска лига, со што Воска Спорт оди да испише нова клупска историја.

Првиот контролен натпревар Воска Спорт ќе го одигра на 19. јануари против Шкендија, на 23. јануари ќе следува тест со Арсими, додека пак на 28. јануари е закажан пријателски меч со Бегалница.

За контролниот натпревар на 1. февруари дополнително ќе биде утврден противникот, на 6. февурари следува тест со Работнички, додека пак „генералката“ е закажана за 11. февруари против Струга Трим Љум.

Воска Спорт е на третото место на табелата со 34 бодови, два помалку од второпласираниот Вардар и три помалку од лидерот Гостивар.