
Воска Спорт во судиското надополнување со два гола го сруши храбриот Вардар и со 2:1 го доби мега-дербито за директен влез во Прва лига.
Верните „Комити“ пристигнаа во Охрид, но беа надвор пред стадион, но сепак поддршката беше голема за најтрофејниот македонски фудбалски клуб, бидејќи навивањето на „Комити“ се слушаше на цел стадион.
Воска тргна подобро на стартот од мечот и беше поконкретна, но откако Мишковски доби црвен картон со што Вардар остана без играч помалку на теренот, наместо Воска да направи поголем притисок, охриѓани паднаа во текот на првиот дел.
Падот во играта на Воска донесе гол за Вардар, откако Јорго Папули постигна гол за 0:1, а тоа предизвика ерупција кај навивачите на Вардар, кои беа надвор од теренот.
Воска како одвај да го чекаше крајот на првиот дел со цел да може да го искористи полувремето да се стабилизира и во вториот дел да се врати подобра на теренот.
Во второто полувреме охриѓани креираа шанси, но на секоја нивна шанса фалеше реализација. Вардар одвај чекаше да заврши натпреварот. Судиското надополнување беше шест минути, иако сите мислеа дека тука е крајот, особено гледачите пред малите екрани на телевизија М Нет, стигна казната преку Ален Јашароски за Вардар, кој во 91. минута постигна гол за 1:1.
Вардар остана шокиран по овој резултат, се насочи кон сочувување на бодот, но Ермедин Адем во 93. минута ја стресе мрежата на Гачевски и тоа беше огромен шок за Вардар и „Комити“, кои започнаа да си заминуваат, откако нивниот миленик беше пред пораз во Охрид.
Судијата Стојанче Стојанов покажа уште еден црвен картон, овој пат за Арлинд Алити поради неспортско однесување.
Вардар во последните три минути се обидуваше да креира некоја брза шанса, но тоа беше без успех, па конечните 2:1 предизвикаа огромна радост кај фудбалерите на Воска Спорт.
Иако вратите на стадионот беа затворени, интересот за овој меч беше огромен, а тоа покажува рекордната гледаност на натпреварот на телевизија М Нет, како и интересот на охридската публика, која беше околу стадионот и си бараше место и позиција за да може да го гледаат натпреварот.
Пелистер имаше идеална можност да се доближи до бараж мечот, откако Вардар загуби во Охрид, но сепак битолачни загубија од Беласица со 2:1 во Струмица, па сега Пелистер ќе има тешка борба за тоа бараж место.
Струмичани први го отворија резултатот преку Давид Стојков уште во 8. минута од мечот, а битолачни преку Христијан Драгарски во 22. минута го израмнија резултат на 1:1.
Во вториот дел Панче Петров беше херој на струмичани, кој погоди за 2:1 и конечна победа на Беласица по четири последователни порази.
Гостивар беше убедлив против Кожуф на домашен терен со високи 5:1. Во првиот дел гостите од Гевгелија парираа одлично, а потврда за тоа е резултатот од 1:1. Христов постигна гол во 16. минута за 1:0,а во судиското надополнување Иванов израмни на 1:1
Во вториот дел Гостивар беше под притисок за триумф, па Рамадани со два брзи гола во 48. и 50. минута обезбеди предност од 3:1 за домашниот состав. По четири минути игра Каланоски од белата точка обезбеди предност од 4:1, а Абази во 67. минута ги постави конечните 5:1.
Дербито за опстанок во Виница заврши без победник и поделба на бодовите, откако Слога и Тетекс одиграа 1:1. Домашниот состав можеби и сам си пресуди за овој резултат, откако Давид Бошески во 28. минута си постигна автогол, па до крајот на мечот Слога бркаше израмнување, кое се случи дури во 77. минута преку Иван Мицевски.
На пет кола до крајот Слога продолжува грчевито да се бори за опстанок, а Тетекс е во потешка ситуација кога е во прашање опстанокот.
Беса го доби локалното дерби против Арсими со минимални 1:0 со голот на Малиќ Белули постигнат во 71. минута до белата точка.
Сашо Дуков со два гола од пенали е херојот на Саса, кој обезбеди голема и значајна победа за „рударите“ од 2:1 над Охрид.
Во 20. минута Ралевски покажа на белата точка, а Дуков успешно реализираше за 1:0. Пред крајот на првиот дел Кристијан Костовски постигна гол за 1:1 на полувреме. Стартот од вториот дел донесе нов пенал за Саса, а Дуков повторно од белата точка го совлада успешно противничкиот голман за конечни 2:1.
Детонит Плачковица триумфираше на гостувањето кај Локомотива со 1:3 и во Радовиш се враќа со три бодови на своето салдо. Гостите од Радовиш имаа два гола предност на полувреме, откако Виктор Јорданоски си постигна автогол во 7. минута и го отвори резултатот за водство на Детонит Плачковциа, а во 26. минута Дарко Алексовски постигна гол за 0:2.
Во вториот дел Емир Хусеиноски во 52. минута намали на 1:2 и ја врати Локомотива во трка барем за бод од овој важен меч. Сите дилеми ги речи Славчо Јанев, кој во 95. минута постигна гол од пенал за конечни 1:3 и голема радост во тимот предводен од штипскиот стратег Иван Варадиновски.
Караорман сосема очекувано славеше над „фенерџијата“ Борец со високи 4:0 на домашен терен. Анруши во финишот на првиот дел погоди за 1:0. Во вториот дел Дебрешлисоки, Ќелешоски и Узеири стрелаа за конечни и убедливи 4:0.
