
Денес беше комплетирано 24. коло од ВМФЛ, откако истото беше отворено вчера со дерби пресметката помеѓу Вардар и Гостивар, која заврши без погодоци (0:0) и без победник.
Денес гледачите на М Нет телевизија имаа ексклизивна можност во живо преку директен пренос да го проследат соочувањето на Детонит Плачковица и Караорман на Градскиот стадион во Радовиш.
Во Радовиш се одигра „приспен“ дуел, а конечниот исход од средба беше 0:0 и поделба на бодовите.
Пелистер сосема очекувано го торпедираше Борец со високи 4:0. Хет-трик постигна Бојан Спироски, а еден гол беше дело на Благоја Љамчевски.
Локомотива извлече бод на тешкото гостување на „Билјанини Извори“, каде одигра 1:1 против екипата на Охрид. Гостите први стигнаа до водство преку Емир Хусеиноски во 27. минута, а домашниот тим стигна до бод преку Хусеин Демири со гол во 51. минута.
Арсими ја совлада Каменица Саса со 2:1 на домашен терен. Домаќинот имаше предност од 2:0 на полувреме со погодоците на Еди Абдија и Шпенд Асани, а во вториот дел „рударите“ преку Сашо Дуков во 52. минута го ублажија поразот на конечни 2:1.
Кожуф на домашен терен триумфираше со 2:0 против екипата на Беса од Добри Дол и на своето конто впиша нови три бодови. Со што четата на штипскиот стратег Трајче Сенев ја продолжува победничката серија и со 30 бодови на своето конто го обезбедува опстанокот.
Кожуф до триумфот стигна преку Александар Богданоски и Мартин Андоновски.
Тетекс на домашен терен беше декласиран од фаворитот Воска Спорт со високи 0:4. Охриѓани во двете полувремиња постигнаа по два погодоци. Иљаз Чиљафи и Аљбин Рамадани постигнаа погодоци во првиот дел, а пак Ален Јашароски и Ујкан Муча беа стрелци во второто полувреме.
Слога победнички се враќа од тешкото гостување во Струмица, каде со 2:3 ја доби Беласица и забележува важен триумф и на своето конто стави три бодови кои на крај може да значат и опстанок во Втора лига.
Панче Петров во 4. минута го отвори резултатот за водство на Беласица од 1:0, а до крајот на првиот дел Драган Паунов и Петар Петроски постигнаа погодоци за 1:2 на полувреме.
На стартот од вториот дел Дарко Грозданоски постигна гол за израмнување на резултатот на 2:2. Херој на гостите од Виница беше Михаил Воинов, кој во 86. минута погоди за конечни 2:3 и голема триумф на Слога.
Воска е на врвот од табелата со 59 бодови, Вардар е втор со 56 бодови, а пак Гостивар е трет со 55 бодови. Во трката за местата кои водат во Прва лига од сенка ќе напаѓа и Пелистер кој е четврт со 50 бодови на своето конто.
Трката за опстанок во Втора лига се разгорува, откако Слога ги грабна трите бодови во Струмица. На дното е Борец со само два бода, потоа следува Тетекс како петнаесетопласирана екипа со 15 бодови, следува Слога од Виница со 17 бодови, Саса е на 13-тото место односно во бараж зоната со 18 бодови, а Локомотива е на 12-тото место со 21 бод, место кое гарантира сигурен опстанок во Втора лига.
Токму овие екипи со исклучок на Борец во последните шест кола влегуваат во пеколна борба за опстанок во второлигашката конкуренција.