Возачите на товарни возила ги губат работните места, од април месец не се полага за АДР сертификат

Од априле месец годинава сите возачи на товарни возила кои превезуваат опасни материи и кои треба да поседуваат АДР сертификат се лишени од оваа можност. Пред се одложено им е полагањето и издавањето на овој вид сертификат, а ова дополнително влијае на нивната работа и егзистенција. Дел од нив го изгубиле своето работно место бидејќи не поседуваат ваков сертификат. Пред повеќе од три месеци преку смс порака биле известени дека полагањето се одложува и дека известување ќе добијат во најбрз можен рок. До денеска сеуште нема ништо. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, побара разбирање од граѓаните и трпение додека проблемот не се надмине.

„Генералниот секретеријат на Владата веќе е во постапка за ибор на компанија која што ќе ја врши оваа распределба и целиот електронски систем да биде ставен во функција така што се работи на разрешување на проблемот и верувам дека наскоро ќе имаме решение. Барам трпеливост бидејќи имаше таква состојба во која што се раскина договор со претходната компанија и мора да се направи постапка за набавка на нова компанија за избор на фирма која што ќе работи“ истакна Бочварски.

ADR меѓународната спогодба ги уредува условите и начинот на вршење на превоз на опасните материи во внатрешниот и меѓународниот патен и железнички сообраќај, условите кои треба да ги исполнуваат амбалажата и превозните средства, должностите на лицата кои учествуваат во превозот на опасните материи, назначување на советник за безбедност, оспособување на лицата кои учествуваат во превозот на опасните материи, надлежностите на државните органи и надзор над спроведувањето на прописите.

Лаура Стојанова М-Нет