
Викендов за прв пат се организира натпревар во прелети во Источниот дел од Државата. Имено, новоформираниот клуб Источни крила од Виница се јавува како организатор на настанот, на кој се пријавени околу 20 учесници од целата држава. Натпреварот е дел од лига натпревари во склоп на Македонската лига на параглајдерство, која се одржува во текот на целата сезона и победникот се одредува на крајот на сезоната. Ова е третата етапа од Македонската етапна лига, а оваа сезона се предвидени десет.
„Викендов очекуваме натпреварувачи од повеќе градови од државата. Организираме натпревар во дисциплина прелети, значи ќе одиме на планина, ќе направиме задача за пилотите во форма на трка и потоа се полетува и се следи задачата и кој ќе биде најбрз ќе биде победник“ – кажа Дарко Стојчев.
Мал е бројот на учесници кои ќе летаат од општините од Истокот па Дарко вели ова е мотив плус да се зголеми нивниот број и да учествуваат во ваков вид натпреварување. Истовремено има и учеснички од понежниот пол.
Параглајдерството е спорт кој повеќе се практикува во другите држави, но кај нас особено во Истокот не е многу развиен. Стојчев истакна дека најмногу летаат од Осоговските планини бидејќи до таму има приспособлив пат, за разлика од Плачковица која нуди одлични можности, но стигнувањето до неа преставува проблем.
Колку повисоко летате, толку сте побезбедни е фразата по која се водат параглајдеристите. Опасност постои, но речиси идентична како и во останатите спортови. Со мало доцнење од предвиденото, се започна со летање од Плачковица, се леташе над дел од котлините Кочани и Берово а крајна дестинација е патот кон село Јакимово виничко.
Лаура Стојанова М-Нет