ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е со најниска инфлација во регионот, СДС се обидува да шири паника, но бројките ги демантираат

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека економските показатели покажуваат стабилизирање на цените и дека Македонија има најниска инфлација во регионот меѓу земјите кои ги објавиле податоците за јуни.

Во соопштение од партијата се наведува дека обвинувањата од СДС за економска несигурност се невистинити и дека официјалните податоци на Државниот завод за статистика ги демантираат таквите тврдења.

„Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во јуни изнесува 3,4 проценти, а во однос на мај е намалена за 0,5 проценти. Тоа се официјални факти. Уште поважно, инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува само 2,5 проценти, а кај облеката и обувките 2,1 процент. Тоа се категориите што најдиректно влијаат врз семејниот буџет и животниот стандард на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоците што ги објавува партијата, инфлацијата во јуни изнесувала:

– Македонија – 3,4 отсто
– Словенија – 3,6 отсто
– Грција – 3,9 отсто
– Хрватска – 4,5 отсто
– Бугарија – 5,6 отсто
– Турција – 32,1 отсто

„Ова се бројки што не можат да се сокријат ниту да се релативизираат. Додека СДС се обидуваат да градат дневна политика врз измислени кризи и ширење паника, Владата работи со конкретни мерки што даваат резултати. Намалената инфлација е директен доказ дека економските политики се правилно поставени и дека се води одговорна грижа за стандардот на граѓаните. Наместо манипулации и лажни сценарија од СДС јавноста заслужува мерки и проекти. А фактите се јасни, Македонија денес има една од најстабилните ценовни политики во регионот и најниска инфлација меѓу соседните земји што ги објавија податоците за јуни. Владата ќе продолжи со одговорни економски политики, стабилни јавни финансии и мерки што носат резултати, без разлика на обидите тие резултати да бидат оспорени од оние што немаат што да понудат освен дезинформации“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е со најниска инфлација во регионот, СДС се обидува да шири паника, но бројките ги демантираат е превземен од МАКФАКС.