
Под знак прашалник се става исплатата на плати на вработенените во основните и средни училишта во Штип, бидејќи средствата ќе се потрошат за високите сметки за електирчна енергија. Според градоначалникот на Штип, Иван Јорданов колку и да се обидуваат да штедат и да се држат до препораките од Владата не може да се избегнат високите сметки за електрична енергија, бидејќи цената на струјата постојано оди во нагорна линија.
„Ќе бидат доведени во прашање исплатата на плати на вработените во овие институции, затоа што сите средства кои ги добиваме по основ на блок дотации ќе бидат потрошени за покривање на трошоците за електрична енергија и трошоците за затоплување. Училиштата се оставени на слободен пазар и трошоците за електрична енергија во овој момент се три до четири пати зголемени. Со оглед на тоа што тенденцијата е дека цената на струјата ќе оди во нагорна линија очекуваме уште неколку кратно да се зголеми цената за струја која овие институции ќе ја плаќаат. Колку и да штедиме, колку и да се прилагодуваме на новонастаната ситуација не можеме да го намалиме трошокот кој ќе го имаме за електрична енергија“ – кажа Јорданов.
Јорданов искатна дека неопходна е помош од страна на државата за да може институциите кои се под Локална власт да може да ги платат своите сметки за струја, а истовремено да се подмират и сите останати редовни трошоци, како и исплата на плати на вработените.
„Единствен спас, единствено решение е да се регулира цената којашто овие институции ќе ја плаќаат за електрична енергија за да има една оптималност и одржливост во работењето. Доколку ова не се случи не сакам да помислам на најлошо сценарио, но незамисливо е овие институции да продолжат да функционираат на толку големи трошоци ќе ги имаат и ги имаат по основ на електрична енергија и нафта за затоплување.
Во меѓувреме, и дел од градоначалниците од останатите региони во државата бараат различни методи за да се справат со високите сметки за струја. Во Тетово на пример е поднесена иницијатива учениците да следат он лајн настава со цел да се заштеди на електрична енергија.
Лаура Стојанова М-Нет