Викенд младинска одбојка во Штип и Пробиштип, сениорските екипи ќе гостуваат

Спортските сали во Штип и Пробиштип во овој викенд ќе бидат „окупирани“ од нашите младински надежи во нивните лиги кои две недели оправдано паузираа. Имено во Штип во спортската сала Јордан Мијалков во недела со почеток во 11.00 часот ќе започне турнирот на кој ќе учествуваат 4 младински екипи и тоа Штип УГД, Шкендија, Џио Струмица и Јанта Волеј. Штипските младинци ќе одиграат два натпревари и тоа со екипите на Шкендија и на Јанта Волеј.

Во Пробиштип во недела пак ќе се одржи женскиот младински турнир со учество на 3 екипи. Екипата на УГД Студент ќе се сретне со тимовите на Весна Пробиштип и на Куманово.

Штипските сениорски екипи во овој суперлигашки викенд ќе гостуваат, девојките на УГД Студент ќе играат во Струмица против Виктори Волеј а машката екипа на Штип УГД ќе гостува на Дибра Волеј во Дебар. Сите натпревари во услови на пандемија ќе се одиграат без присуство на публика.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk