
„Велигден е тука, но нашите деца ги нема. Престанаа да им чукаат срцата, ги закопавме во црната земја.“ Семејствата и блиските на починатите од трагедијата во Пулс и денеска излегоа на протестен марш во Кочани. Со трогателни зборови, на ден пред Велигден, кажаа дека живеат само за да одат на гробишта каде почива нивното дете.
„Какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее , да дочекаш уште еден Велигден со него. Еве ќе ви кажеме, живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие фалат дома .
Ќе се навршат уште малку 40 дена, 40 црни денови без нашите сонца, без нашите анѓели чии кревети од тој ден останаа празни, а нашите срца и души засекогаш завиени во црнило.
Времето поминува, но правдата како што се чини нема изгледи дека ќе излезе на виделина.
Зарем немате ни малку човечност во вашите души?“
Денеска посочија дека протестите ќе продолжат секоја сабота додека не добијат правда за нивните како што истакнаа убиени деца, за нечии профит, и од корумпирана држава.
„Затоа Ви кажуваме, дека ние родителите и блиските на нашите починати чеда, ќе продолжиме да излегуваме и понатаму, секоја сабота и се надеваме дека на крај нема да останеме единствено само ние, доколку на нашите сограѓани им досади да не следат нас, кои ја бараме правдата за нашите убиени чеда. Но ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16.март , бидејќи ние си ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит.
Правдата мора да излезе на виделина!
Нашите безгрешни деца мора да бидат осветени!“
Правда мора да има, мора да има и одговорност, порача и новиот в.д. градоначалник на Кочани. Во првите редови заедно со останатите даде поддршка за починатите од пожарот.
Протестниот марш и денеска започна во градскиот парк во Кочани, а толпата народ се двишеже кон трговскиот центар, Општина Кочани, полициската станица, се до Јавното обвинителство и Судот во Кочани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет