„Велигденски игри без граници“ во ЗОО паркот во Штип – саботно другарување на најмалите

„Велигденски игри без граници“ ќе организира Општина Штип во сабота. Настанот се организира по првпат и тоа во ЗОО паркот „Бриони“, а ќе започне од 11 часот и ќе трае до 13 часот. За саботните игри без граници предвидени се повеќе активности, информираат од Општината, од каде покана упатија до сите дечиња и родители.

„Настанот е планиран од 4 дела и тоа:

1. Украсување на велигденски јајца- Доделување на награда за најубаво украсено велигденско јајце.

2. Натпревар во скокање со вреќи- награди за првите тројца победници.

3. Натпревар во тражење на скриени велигденски јајца- Награди за оние кои ќе ги пронајдат трите сокриени јајца.

4. Носење на јајца во лажица- награди за првите три победници.“ – информираат од Општина Штип.

Покана за претстојниот настан упати и в.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, кој истакна дека настанот ќе се искористи и за да се промовираат новите животни, а ќе биде причина плус граѓаните да го посетат ЗОО паркот.

„Исто така најавуваме дека заедно со Општина Штип во сабота ќе организираме еден настан за Велигден каде што ќе биде предвидена промоција на новите животни, а за најмалите ќе има и игротека, игри и песнички. Ги поканувам сите дечиња и родители да присуствуваат на тој настан и да го направиме Велигден да биде повесел за сите“, истакна Здравков.

Настанот ќе биде збогатен со детска музика, детска маскота и цртање на лице со бои. Целта – пред се’ другарување на децата и развивање на нивните натпреварувачки дух и креативност, како и поттикнување многу искрени детски насмевки.

Ребека Спасова М-Нет