
Денес се одиграа натпревари од вонредното 4. коло во Првата македонска фудбалска лига.
На „Борис Трајковски“ во Маџари повратникот Вардар предводен од старо-новиот тренер Александар Васоски го пречека кратовски Силекс и го освои првиот сезонски бод, откако одигра 2:2.
„Вардарци“ за првпат сезонава имаа водство на натпревар, откако Дарко Мицевски постигна гол од пенал со што го отвори резултатот, а со водство од 1:0 Вардар замина и на полувреме.
Во вториот дел Силекс брзо го израмни резултатот на 1:1 преку голот на Анѓелески. По осум минути Велковски погоди за ново водство од 2:1, но радоста за Вардар траеше до 86. минута кога Ефтимов погоди за конечни 2:2.
Инаку, Силекс од 39. минута беше со играч помалку откако Љамалари доби директен црвен картон.
Шкендија на домашен терен се соочи со штипска Брегалница. Тетовци на овој меч влегоа со мотив за трето сезонско славје, по победите над Воска и Тиквеш. „Сините“ во Тетово отпатуваат со максимална мотивација против некогашниот шампион на тешкото гостување.
Првиот дел од мечот заврши без погодоци односно со чисти мрежи, па неизвесната борбата за целиот „плен“ продолжи во вторите 45 минути.
Во 62. минута резултатот го отвори Аганспахич за водство на Шкендија, а печат на победата за четирикратниот шампион стави Бруно Дита во 97. минута.
Гостивар по трите порази денес забележа ја забележа првата победа како прволигаш, откако со 2:0 славеше над Работнички на домашен терен.
Гостиварци немаа старт каков што посакуваа и беа инфериорни, но денес конечно дојде големата радост за навивачите на овој прволигаш.
Стрелец на првиот гол беше Потук, а за 2:0 погоди Селмани.
Скопската пресметката која се одигра во Ѓорче меѓу Македонија ЃП и Шкупи заврши без победник и без погодоци (0:0) со поделба на бодовите.
Утре играат Брера и Тиквеш во Струмица, додека пак колото ќе биде комплетирано на 27. септември со дуелот меѓу Воска Спорт и Струга Трим Лум, а истиот се одложува за нешто повеќе од месец дена поради европските обврски на стружани односно плеј-офот од Конференциската лига на УЕФА.