
Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од третото коло на Првата македонска фудбалска лига, а веќе се познати и термините за сите пет натпревари.
Колото се отвара в петок со мечот меѓу Арсими и Башкими кој ќе се игра во Гостивар со почеток од 16:30 часот. Ова е дуел на две екипи кои ќе ги бараат првите бодови и првиот позитивен резултат во новата сезона, а Башкими во Гостивар оди со нов тренер односно Шабан Сулејмани.
В сабота на програмата се два натпревари. Тиквеш ќе се соочи со Шкендија Арачиново во Кавадарци, каде домаќинот кој има неверојатно ефикасен напад ќе оди на три од три, а пак дебитантот кој во минатото коло го освои првиот исторски бод како прволигаш ќе ја бара првата победа на незгодниот терен. Мечот стартува во 16:30 часот.
Половина час претходно во Кратово ќе започне натпреварот меѓу Силекс и Скопје.
В недела се играат два натпревари. Струга Трим Лум во 16:30 часот ќе го пречека Вардар, каде шампионот после поразот во дербито од Шкендија ќе оди на рехабилитација и на незгодно гостување ќе се обиде да се врати веднаш на победничките патеки.
Во вечерен термин од 19 часот Шкендија ќе ја пречека штипска Брегалница, а овој меч ќе се игра на теренот на ФФМ во Скопје.
Александар Ванев, М-Нет