Вардар ги започна подготовките, во новата сезона со високи амбиции, ќе има уште нови засилувања!

ФОТО: РК Вардар

Ракометарите на Вардар ги започнаа подготовките за новата сезона од Суперлигата, во која вардарци влегуваат со високи цели како за во Суперлигата, каде ќе атакуваат на титулата, така и на меѓународната ракометна сцена.

Вардар со првата прозивка на Владо Недановски и Стојанче Стоилов ги започнаа подготовките, откако екипата се собра и го одработи првиот тренинг. Двократниот европски шампион до 26. јули ќе ја темпира формата во Скопје, а потоа ќе следува преселба во Маврово, каде екипата таму ќе остане до 3. август по што ќе се врати во Скопје.

Вардар ќе настапи и на двата турнири покрај Охридското Езеро односно во Струга од 14. до 17. август, како и во Охрид од 20. до 24. август, па преку овие турнири Вардар ќе ја темпира дополнително формата за новата сезона за Суперлигата и за настапот во Лигата на Европа.

Како што веќе објавивме нови имиња во Вардар се Томче Стојановски, Ашреф Маргели, Марио Танкоски, Младен Крсманчиќ, Мигел Пинто, Дмитро Горига и Ларс Коиј. Во следниот период се очекува уште засилувања да пристигнат во редовите на Вардар.

Минатата сезона Вардар заврши на второто место на табелата со 39 бодови на своето конто, два помалку од шампионот Еурофарм Пелистер од Битола.

Во новата сезона Суперлигата ќе брои 12 наместо 16 екипи, а во истата ќе настапат, Еурофарм Пелистер, Вардар, Алкалоид, Охрид, Тиквеш, Бутел, Пролет, Струга, Прилеп, Куманово, повратникот Радовиш и дебитантот Бисинов од Велес.

Александар Ванев, М-Нет