
По успешно завршената мисија и обезбедениот опстанок во Втората македонска фудбалска лига, Иван Варадиновски и официјално се раздели со Кожуф. Гевгелискиот клуб ќе влезе во нова фаза, а стратегот си заминува веднаш по убедливата победа од 4:0 над Борец во баражот за опстанок.
Кожуф ја заврши сезоната на деветтото место во второлигашката конкуренција, а само четири бода го делеа од сигурен опстанок без дополнителни квалификации. Сепак, тимот успеа да ја исполни целта и преку баражот да го зачува својот второлигашки статус.
Варадиновски истакна дека периодот поминат во Гевгелија бил исполнет со бројни предизвици, но и драгоцено искуство.
„Дефинитивно беше комплициран период да се биде тренер на Кожуф. Сепак, за мене тоа беше голем предизвик и значајно искуство. Искрено, потешко беше да се менаџираат работите надвор од теренот отколку оние на самиот терен. Со оглед на сите околности, сметам дека обезбедениот опстанок е успех и за клубот и за мене како тренер“, изјави Варадиновски.
При заминувањето, тој не ја пропушти можноста да им се заблагодари на фудбалерите, стручниот штаб, управата и навивачите кои му биле поддршка во текот на сезоната.
„Голема благодарност до играчите и до сите луѓе кои беа дел од клубот. Посебна благодарност до навивачката група Фантоми за безрезервната поддршка на секој натпревар. На Кожуф му посакувам многу успеси и светла иднина“, порача Варадиновски.