
Во Штип и Пробиштип вакцинирано скоро половина од вкупниот број население по градови. Министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека процентот на вакцинирано население се зголемил во последните две недели, па сега е мал бројот на градови каде заинтересираноста е на ниско ниво.
„Со воведувањето на новите мерки, интересот значајно се зголеми. Дневно се вакцинираат околу 12.000 – 13.000 луѓе, претходно беше околу 2.000 – 3.000. Тоа значи дека расте свеста кај граѓаните за потребата од вакцинација. Искрено, верувам дека не е само поради мерките коишто се предложени, туку и поради тоа што фактите и бројките јасно укажуваат на тоа дека вакцинацијата е единствениот начин со којшто ние можеме да ја смениме сликата за пандемијата“, рече Министерот за здравство, Венко Филипче.
Во болниците во овие градови немало огромен притисок, како што се случувало во оние малку градови каде бројот на вакцинирани е помал.
Директорката на Здравствениот дом Пробиштип посочи дека се задоволни од високиот степен на заинтересираност, каде покрај повозрасното се вакцинира и голем дел од помладото население.
„Вакцинацијата тече со прекрасни бројки, навистина сме многу задоволни. Дневно најмалку по 150 луѓе вакцинираме. Особено популарна е вакцината „Фајзер“. Голем број на млада популација од нашиот град се вакцинира и веќе со бројките со кои располагаме можам да кажам дека 50% од нашите граѓани се опфатени со имунолошка заштита во нашиот град“, истакна директорката на ЗД „Нада Михајлова“ Пробиштип.
Во Штип, пак, се вакцинирани околу 15 до 20 илјади граѓани, а вакцинацијата тече со една непроменлива бројка.
„Вакцинацијата во Здравствениот дом Штип се одвива секој ден со несмалено темпо. Интересот е речиси идентичен секој ден, од 300 – 320 граѓани кои се јавуваат за прва доза, а си тече и ревакцинацијата. Вакциналниот пункт ќе работи и во сабота, од 7:30 до 14:30 часот“, рече координаторката за вакцинација.
Како што посочи Министерот Филипче, со интензивното вакцинирање во изминатите повеќе денови достигнати се 38% на вакцинирано полнолетно население. Досега на територија на цела држава аплицирани се вкупно 1.134.231 доза вакцини.
Ребека Спасова МНет