
Со почетокот на масовната имунизација на населението во поголемите градови во државата, меѓу кои и Штип, вакциналниот пункт во Кочани требаше да биде затворен. Остатокот од 50 кинески вакцини синофарм денеска во прва смена требаше да бидат потрошени и веќе во втора смена граѓаните од Кочани да се препраќаат на вакцина во Штип. Со ова и револтот кај кочанчани беше зголемен бидејќи се троши повеќе време и средства за да се прими вакцина.
Меѓутоа, во текот на денот Директорот на кочанската болница Александар Серафимов во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека пристигнале нови 500 вакцини со што вакциналниот пункт во Кочани ќе продолжи да работи.
„ Утринава пристигнаа нови 500 кинески вакцини синофарм во болницата во Кочани. Откако првично соопштивме дека вакциналниот пункт ќе биде затворен и граѓаните ќе бидат препраќани во Штип, сега морам да истакнам дека работите се променија. Нашите граѓани барем до крајот на оваа недела ќе продолжат да се вакцинираат во вакциналниот пункт во Кочани. Станува збор за сите заинтересирани граѓани кои се пријавиле преку матичните лекари преку „Мој термин“. Нема ограничување на старосната граница. Последните 50 вакцини кои ги имавме на располагање ги аплициравме во прва смена денеска. “ – истакна Серафимов.
Во Кочани до сега се вакцинирани околу 950 граѓани. Денеска исто така двајца доктори и четири медицински сестри се испратени на помош за вакцинација во Штип, но Серафимов посочи дека моментално немаат проблем со медицински лица кои би ги аплицирале вакцините.
Лаура Стојанова М-Нет