
Со два натпревари вчера беше отворено 26. коло на Првата македонска фудбалска лига, а воведните натпревари дадоа едно реми и една убедлива победа.
Брера Струмица дојде до бод на гостувањето во Куманово кај Башкими, откако натпреварот заврши без погодоци (0:0).
Струмичани пополека се зацврстуваат во зоната за директен опстанок и во моментот се седми со 32 бодови, а пак Башкими делува уште посигурно како шести со 37 бодови и всушност го дели и петтото место каде што е Тиквеш со ист број на бодови.
Токму Тиквеш вчера убедливо загуби од Силекс со 0:3. Резултатот во Кавадарци го отвори Пиреш, откако Португалецот го постигна својот десетти гол сезонава.
Во 41. минута Ади Алиќ ја удвои предноста по асистенција на Дарко Додев од лево за 0:2 на полувреме.
Во вториот дел Велиновски испрати удар со левата нога за конечни 0:3.
Силекс сега е сигурен на четвртото место со 46 бодови.
Денес на програмата се два натпревари. Работнички против Шкендија и вечерва се игра „вечното дерби“ под рефлектори на Пелистер и Вардар.
Утре, Македонија ЃП против Арсими, а пак Шкупи против Струга Трим Лум.
Александар Ванев, М-Нет