
Брера Струмица е пред чекор да го реализира најголемиот трансфер во клупката историја, откако Димитар Трајков потпиша преддоговор со украинскиот клуб Полисја од Житомир.
Младиот напаѓач ги направи медицинските прегледи во Украина, се враќа во Струмица за да се поздрави со своите колеги односно соиграчи и на 1. јули ќе се придружи на новата екипа од Украина за подготовките за новата сезона.
„Среќен сум што станувам нов играч на Полисја. Во овие три дена се уверив дека овој клуб е вистинскиот за продолжување на мојата кариера и дека овде сериозно ќе сметаат на мене во иднина. Но сепак, се зависи лично од мене. Јас сум подготовен да работам многу повеќе и да го дадам максимумот за новиот клуб. Благодарен сум на Горан Пандев и сите луѓе од ФК Брера Струмица за убавите поминати години во Струмица“, вели Димитар Трајков.
Со младиот играч во Украина е и генералниот директор на клубот Јован Симиќ кој за клупскиот сајт ги пренесе првите импресии од склучениот преддоговор за трансферот на Трајков.
„Му честитам на Димитар Трајков, честитки и до Полисја што ќе добие квалитетен играч за во иднина. Паралалено и честитки и за рекордниот трансфер на клубот и сите луѓе од Академија Пандев Брера кои со својата работа помагаат на нашите млади играчи да бидат подобри и направат нови чекори во своите кариери. На лице место се уверив дека Полисја е сериозен клуб со сериозен систем на работа и импозантен спортски центар чија изградба привршува и ќе биде готов наскоро. Наша цел е и понатаму да бидеме расадник на млади играчи, да ги изградиме како спортисти на најдобар можен начин и да им помогнеме во кариерата. Со системска работа ќе дојдеме до уште подобри резултати во идина и однапред се радувам на летниот преоден рок и новата сеозна“, потенцираше Јован Симиќ.
Новиот клуб на Трајков е на петтото место во укранското првенство и има можност да оствари пласман во квалификациите за европските натпреварувања за следната сезона. Клубот гради нов спортски центар со што условите во овој клуб ќе се подигнат на ниво како во многу европски клубови.
Брера Струмица во претходното коло го потврди директниот опстанок во Првата македонска фудбалска лига и за следната сезона.
Александар Ванев, М-Нет