Брера Струмица и Башкими во одлични форми, Шкупи и Работнички големо разочарување во ПМФЛ

ФОТО: ФК Башкими

Екипата на Брера Струмица е во серија позитивни резултати и се наоѓа во средишниот дел од табелата со 12 освоени бодови, а струмичани предводени од новиот тренер Мартин Алаѓозовски се во одлична форма со тоа што на последните пет натпревари имаат три победи, еден пораз и едно реми.

Во новата сезона во одлична форма игра и екипата на Башкими која пак со 15 бодови на е петтата позиција и го држи чекорот за повисок пласман на табелата.

По девет одиграни кола лидер е Струга која има 23 бодови, а пак Вардар и шампионот Шкендија го делат второто место со по 21 бод. Екипата на Силекс е на четвртата позиција со 18 бодови и тимот од Кратово се обидува да го држи чекорот со водечката Струга која има пет повеќе во однос на тимот од Кратово во трката за титулата.

Башкими е петти со 15 бодови, па следуваат Македонија ЃП и Брера Струмица со по 12 бодови за делба на шестата позиција.

Бараж зоната е на позиција осум и девет, каде се екипите на Арсими и Тиквеш кои имаат по осум бодови, а пак на долните три позиции или во зоната за директно испаѓање се Пелистер со седум бодови, Работнички со пет бодови како претпоследен и Шкупи кој е на самото дно со само еден освоен бод.

Всушност Работнички кој минатата сезона се бореше за титулата по девет кола се бори за излез од резултатската криза, бидејќи тимот е на дното од табелата со учинок од една победа, две ремија и шест порази и е навистина разочарувачки резултатот на тимот од Дебар Маало.

Дефинитивно најголемо разочарување е Шкупи кој по девет кола освои само еден бод, токму во дуелот со Работнички откако двете екипи одиграа 1:1. Тимот од Чаир има едно реми и осум порази и всушност е единствениот кој нема триумф.

Пополека се одвојуваат екипи кои ќе водат битка за титулата, како и екипите кои ќе целат кон сигурен опстанок во Првата лига.

Последните три екипи испаѓаат во Втора лига, а екипите од осмо и деветто место ќе играат бараж за можен опстанок во елитата. Ваквата промена доаѓа бидејќи Првата лига од сезона 2026/2027 ќе се скрати на десет екипи, а во таков концепт последниот тим ќе испаѓа директно, а претпоследното место односно деветтата позиција ќе води кон бараж за опстанок во Прва лига. Ваква промена доаѓа со цел да се подигне квалитетот во елитата.

Александар Ванев, М-Нет