
Лидерот Охрид во сабота гостува во Штип каде ќе го одигра дербито со Брегалница под рефлектори, но „рибарите“ ги очекува пеколна атмосфера, влезот за дербито кое стартува од 18 часот ќе биде слободен, а со тоа се очекува полни трибини и силна поддршка за „сините“.
Ова е директна дерби пресметка на две екипи кои претендираат за влез во Прва лига, а трите бодови од овој меч можат да бидат клучни и многу работи да решат.
Охрид е на врвот со 49 бодови, а пак Брегалница е четврта со 46 бодови, а од оваа коло најмногу може да добие Скопје кој игра против Вардар Неготино, а пак Шкендија Арачиново исто така игра дерби на домашен терен со Беласица.
Ако Брегалница триумфира ќе направи сериозен исчекор напред кон челната позиција која директно води кон Прва лига, триумф за Охрид ќе значи дека „рибарите“ ќе го имаат првото место, а реми во Штип ќе им оди во прилог на Шкендија Арачиново и Скопје ако стигнат до трите бодови.
Брегалница вчера го доби и новиот претседател Ангел Бојаџиев и веднаш се започнат инфраструктурни активности за подобрување на теренот и стадионот комплетно.
Брегалница бара силна поддршка од навивачите и сака полни трибини до последно место, а со оглед дека влезот е слободен и се игра во вечерен термин се очекува голем број на публика.
Александар Ванев, М-Нет