
Интересни резултати носи седмото коло во Првата македонска фудбалска лига, дури четири натпревари овој викенд завршија без победници, со што екипите ги делеа бодовите.
Брегалница можеше да го освои Кратово и да се врати во Штип со цел „плен“, но на крај мораше да се задоволи со бод, откако ремизираше со Силекс играјќи 2:2. Домаќинот во 82. минута од средбата со голот на Мишов израмни за делба на бодовите.
Башкими откина бодови од шампионот Вардар пред домашната публика во Куманово, откако одигра 3:3. По водството на домаќинот од 2:0, Вардар успеа да се врати во игра пред крајот на првиот дел за 2:1. Во вториот дел со двата гола на Закариќ шампионот дојде до пресврт и водство од 2:3.
На четири минути до крајот херој на мечот беше Саити со гол за делба на бодовите и голема радост кај домашните со што Башкими за првпат го напушти последното место на табелата.
Победник немаше ниту на мечот меѓу Арсими и Шкендија откако двете екипи одиграа 2:2, а ист резултат имаше и на мечот во Кавадарци меѓу Тиквеш и Струга Трим Лум.
Седмото коло се комплетира денес со мечот меѓу Шкендија Арачиново и Скопје.
Александар Ванев, М-Нет