Новаци до прво славје преку радовишани, Кожуф славеше над Осогово во Кочани

Екипата на Новаци стигна до првата сезонска радост дури во петтото коло на Втората лига, откако на домашен терен со сигурни 3:1 преку пресврт го доби Детонит Плачковица. За тимот на Новаци првата сезонска победа значи и прогрес на табелата односно излез од опасната зона со четири бодови на своето конто, а пак тимот од Радовиш го доживеа првиот сезонски пораз.

Кожуф славеше минимална победа од 0:1 над Осогово во Кочани со голот на Сашо Дуков со што тимот од Гевгелија стигна до значајна победа, со што сега Кожуф направи прогрес до шестата позиција со седум бодови, а пак Осогово останува претпоследен со само еден освоен бод. Овој меч го следевте во живо на М Нет телевизија.

Охрид триумфираше со 2:1 над Еуромилк ГЛ на домашен терен, а пак Пелистер рутински со 0:4 славеше над Шкупи во гости.

Во уште еден меч кој го следевте во живо на М Нет телевизија, Македонија ЃП со минимални 1:0 славеше над Кајмани, а синоќа во натпревар под рефлектори Беласица и Тетекс ги поделија бодовите играјќи 2:2. Струмичани имаат трето реми во низа, а за Тетекс овој бод од Струмица е многу значаен.

Од петтото коло одложен беше натпреварот меѓу Работнички и Брера, поради настап на струмичани во младинската Лига на шампиони, па мечот ќе се игра во нов дополнителен термин.

Александар Ванев, М-Нет