
Иако можеше со три, сепак Брегалница носи голем бод од Струга во Штип, откако денес одигра 2:2 против шампионот и лидер Струга Трим Лум, во меч од 27. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Брегалница е жива и Брегалница е во егал борба и за директен опстанок во фудбалската елита. Пред штипјани секој натпревар до крајот ќе биде големо финале, но победата над Шкупи и ремито против Струга даваат позитивни вибрации во штипскиот прволигаш дека мотивот кај фудбалерите е огромен за да го обезбедат опстанокот.
Струга во финишот на првиот дел дојде до водство откако Буњамин Шабани во 43. минута постигна гол за 1:0 на полувреме. Во вториот дел Брегалница направи комплетен пресврт на резултатот. Во 67. минута Филип Стојчевски постигна гол за 1:1, а по само шест минути игра Ремзифаик Селмани стрелаше за 1:2 и водство на Брегалница над домаќинот Струга.
Сепак во 86. минута судијата Марјан Младеновски покажа на белата точка за Струга, а сигурен пеналџија беше искусниот Бесарт Ибраими со што беа поставени конечните 2:2.
Брегалница останува и понатаму претпоследна но сега со 26 бодови на своето конто, а во следното коло игра директно дерби за опстанок со Работнички во Штип, меч од огромна важност за „сините“.
Александар Ванев, М-Нет