Брегалница ги промовира Радевски и Даноски, Никола Тонев се враќа во клубот, закажан стартот на подготовки

Штипскиот второлигаш Брегалница активно започна со креирање на ростерот за новата сезона. Голем новитет во клупот е враќањето на Никола Тонев како спортски директор на клубот. Новиот спортски директор веднаш започна со потпишување и промовирање на нови играчи. Денес Брегалница ги промовираше првите две летни засилувања, станува збор за Јовица Радевски и Зоран Даноски. Радевски во Брегалница доаѓа од Беса, а Даноски од прволигашот Тиквеш.

Станува збор за квалитетни фудбалери со прволигашко искуство кои треба да му помогнат на клубот за експресно враќање во Првата лига. Напаѓачот Иван Глигоров го продолжи својот договор, а со тоа се стави на располагање на шефот на стручниот штаб Трајче Сенев кој и во претстојната сезона ќе ја води Брегалница.

Брегалница со подготовки започнува на 8. јули (понеделник), а 6 фудбалери од младинската школа ќе се приклучат кон првиот тим. Договорени се пет пријателски меча. Првиот се игра на 20. јули против Детонит, на 24. јули против Вихрен од Бугарија, за 27. јули е слободен термин, се чека противник. 01. август проти Работнички, а за 10. август е закажана генералката против Победа.

Брегалница лани како последнопласирана испадна од Прва лига, а во новата сезона ќе атакува на експресен “кам-бек” во фудбалската елита на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет