Брегалница, Башкими и Арсими во директна пресметка за второто место, неколку екипи загрозени со опстанокот!

Првото пролетно коло во Втората лига не направи големи промени на табелата, но направи уште поголем притисок за второто место кое директно води кон Прва лига, како и за долниот дел односно каде ќе се води борба за опстанок, а тука неколку екипи се загрозени.

Македонија ЃП со минимални 0:1 славеше над Охрид и со тоа сега „лавовите“ се на врвот од табелата со 41 бод, а тоа значи и уште поголема бодовна залиха од седум бодови во однос на второпласираната Брегалница.

Штипјани остануваат со 34 бодови на второто место, Башкими е трет со 33 бодови, а пак Арсими сега се доближи до второто место со 32 бодови. Брегалница ремизираше играјќи нула со Победа, а пак Башкими одигра 1:1 со Борец и од ова ситуација Арсими најмногу доби кој славеше над Беласица со 0:1 и и ги искористи киксовите на Брегалница и Башкими. Со ваква околност притисокот за второто место дополнително ќе расте.

Детонит Плачковица ремизираше со Новаци играјќи 0:0 и останува на пеетото место со 25 бодови, а пак Скопје после убедливата победа од 0:3 над Вардарски дојде до шесттото место и има 25 бодови, колку што има и Саса која пак ремизираше во Турново со Кожуф играјќи 1:1.

Охрид се спушти на осмото место со 24 бодови, Кожуф е деветти со 23 бодови, Новаци е десетти со 19 бодови, а толку има и Беласица која е место подолу.

Сега доаѓа тој момент каде ќе се води вистинска борба за опстанок во лигата. Вардар Неготино славеше против Осогово со минимални 1:0 и изби на 12-тото место со 17 бодови, Победа е место подолу сега со 15 бодови. Во бараж зоната е екипата на Осогово која има осум бодови, Борец е претпоследен со шест бода, а на дното е Вардарски со пет бодови.

Последните две места директно водат кон испаѓање во Трета лига, а пак 14-тото место води кон баражот за опстанок во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет