Борец и ГФК Победа тргнаа убедливо, Куманово со висок триумф, дебакл на ланскиот второлигаш Преспа

ФОТО: ГФК Победа

Покрај регион 3 во Трета лига, новата сезона беше отворена и во останатите пет региони.

Во регион 1 најголема победа забележа Ржаничино, откако пред домашната публика со 10:0 славеше над Перпарими, Беса Сарај со 4:1 го доби Марино, а голем триумф имаше и БВК Коњаре од 2:6 над Фортуна.

Студеничани на домашен терен славеше победа над Кул во меч со осум голови за конечни 5:3, Аеродром на домашен терен преку пресврт загуби од фаворитот Илинден со 1:3, а пак Башкими Љуботен и Њу Старс ги поделија бодовите играјќи 1:1.

Во регион 2 тимот на Куманово како прв фаворит славеше над Јуниор со 0:3, дебитантот Академија Осогово од Крива Паланка загуби со 3:1 од Беса, а пак Козјак на домашен терен загуби од Пчиња со 0:2.

Влазними мечот со Липково го доби со службени 0:3, а пак Речица и Победа од Тромеѓа ремизираа со 2:2.

Голем број на погодоци имаше и во регион 4 каде ГФК Победа со 6:0 славеше над Превалец, ланскиот второлигаш Вардар Неготино доживеа тежок пораз од Бучин со 6:3, а триумф со шест гола забележа и Венец кој со 6:1 го доби Ултрас.

Дебитантот Победа од Пепелиште славеше со 3:0 над Питу Гули, а пак некогашниот прволигаш Борец со убедливи 7:0 славеше над Млекар. Минатогодишниот второлигаш Големо Коњари со 2:0 славеше над Башкими од Јаболчиште со 2:0, а пак Влазними Јунир и Росоман ремизираа во ефикасен меч играјќи 3:3.

Во регион 5 исто така беше вистинска голеада со голем број на погодоци на сите мечеви. Најголемата победа ја имаше тимот на Кравари кој славеше со 9:2 над Влазними, трите бодови останаа во Струга откако Караорман со 5:3 славеше над Могила, а пак ланскиот второлигаш Преспа доживеа тежок пораз на домашен терен со 0:4 од Чардак.

Трите бодови останаа во Кичево откако Напредок славеше со 4:1 над Демир Хисар, а Света Троица забележа домашна победа од 4:0 над Напредок од Ношпал.

Во регион 6 исто така беа забележани големи победи, само два натпревари беа понеизвесни, на сите останатите домаќините доминираа.

Доброшти со 1:2 го доби тимот на Лирија во гости, а пак Скендербег со 2:0 го доби Кораб од Дебар.

Љуботен беше пресилен за Градец со 6:3, дебитантот Цетинска со 4:1 славеше над Џепчиште, а Дрита триумфираше со 7:1 над Јехона, победа која беше посветена на прерано починатиот млад фудбалер Даниел Николовски. До три бода на стартот од новата сезона стигна и Гостивар кој го доби Вардар од Брвеница со 3:1.

Александар Ванев, М-Нет