Блокада пред собрание, работниците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра

Работниците утринава го започнаа протестот пред собрани, на две локации ги блокираа пратениците да не можат да дојдат на работа со сопствените возила и да наплатат патни трошоци. Но, како што посочи претседателот на ССМ, најголем дел од пратениците станале и на работа дошле пред девет часот.

„Како што и ветивме денеска по 21 човек на две локации ги блокираме да не може да дојдат со сопствените возила на работа како што идат, да не можат да наплатат трошоци за превоз како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен превоз. Моите информации се дека голем дел на пратеници станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица.“ – вели Трендафилов.

Протестот се организира со цел зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за 6000 денари. Од ССМ очекуваат на денешната седница ова да се најде на дневен ред.

„Првата дестинација е токму тука. Мислам дека денешниот ден треба да ги засрами сите, но најмногу оние 120 избрани пратеници кои мислам дека денеска на седница треба да предложат зголемување на минималната плата на 600 евра. Доколку не го направат тоа ќе собереме 10 илјади потписи, ќе им станеме овластен предлагач и ние работниците ќе им ги напалиме нивните пратенички и нивните функционерски плати.“ – додава Трендафилов.

Работниците протестираа и претходно бидејќи не се преживува месецот со сегашната минимална плата.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет