
Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за контролниот натпревар против Саудиска Арабија кој се игра на стадионот „Викторија Жишков“ во Прага, Чешка на 4 септември, како и за квалификацискиот меч за СП 2026 против Лихтенштајн кој се игра на 7 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Меѓу 26-те повикани фудбалери се наоѓаат и двајца дебитанти. Играчот од средниот ред на македонскиот шампион Шкендија, Решат Рамадани и напаѓачот Елмин Растодер од швајцарски Тун, првпат добиваат повик за настап на македонската А репрезентација.
Повикани голмани се Столе Димитриевски, Дејан Илиев, Дамјан Шишковски и Игор Алексовски.
Во одбрана се Висар Муслиу, Никола Серафимов, Езѓан Алиоски, Ѓоко Зајков, Андреј Стојчевски, Дарко Велковски, Стефан Деспотовски и Бојан Илиевски.
Во среден ред ќе бидат Енис Барди, Јани Атанасов, Елиф Елмас, Исник Алими, Лука Станковски, Тихомир Костадинов и Решат Рамадани.
Во нападот се повикани Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Лирим Ќамили, Димитар Митровски и Елмин Растодер.
„Што се однесува до списокот за жал не можеме да сметаме на Агон Елези поради повреда на рамото. Се надевам дека нема да има потреба од хирушки зафати туку ќе помине со терапии, според последните информации. Нема да биде со нас Ашковски, Бојан Димоски и Манев на овој собир, што не значи дека и на следниот, дај Боже да се стабилизираат своите клубови и да бидат конкурентни за она што нас не’ очекува, посебно во октомври. Што се однесува до натпреварите што не’ очекуваат овој прозорец е конторлниот натпревар со Саудиска Арабија на 4 септември во Прага и на 7 септември со Лихтенштајн квалификациски натпревар“, рече селекторот Милевски.
Натпреварот со Саудиска Арабија ќе биде искористен за проверка на потенцијалот што го има Македонија во моментот, а пак на мечот со Лихтенштајн само победа е опција.
„Првиот натпревар ќе го искористиме за проверка на она што го имаме како потенцијал за оние особено играчи кои немаат поголема минутажа во националниот тим, планирано е да пробаме некои варијанти и тактички некои играчи на други позиции, не на тие вообичаено што играат во своите клубови, да видиме дали и колку можеме да имаме флексибилност во тие тактички замисли и индивидуални како тим. Што се однесува до вториот натпревар мислам дека можеби и најзначаен во овој циклус на квалификациски натпревари во нашата група, максимално го респектираме противникот, максимално сериозно се подготвуваме и се надевам дека уште еднаш момците ќе бидат на висина на она што се бара од нив како и до сега“, вели Милевски.
Македонија во својата група има одиграно четири натпревари и има две победи и две ремија за осум бодови, Велс е втор со седум бодови со учинок од две победи, реми и пораз.
Белгија е на третата позиција со четири бодови, но има одиграно само два натпревари и има реми со Македонија и една победа со Велс.
На четвртата позиција е Казахстан со три бодови, а пак Лихтенштајн е на дното во нашата група без бодови.
Александар Ванев, М-Нет