
БК „Олимпија“ денеска го одржа најавениот протест. Според тренерот, Кире Нисев, испратени се многу барања и преземени се сите правни постапки, но Федерацијата незаконски ги исфрла. Според него, за наводниот инцидент имаат и судска пресуда дека не се виновни, но Федерацијата не го прифаќа тоа.
„Затоа ние бараме од сите институции во државата да поведат постапка за предметите кои се доставени до нив, бидејќи имаат нанесено голема штета на самите клубови, а и на членовите на клубовите и физичките лица. Моментално децата три години се надвор од Боречката федерација, принудени сме да ги носиме надвор од границите на нашата држава само на меѓународен план, а нивните успеси не може да ги искажат во сопствената држава. Причината е некоја наметната казна од страна на федерацијата, за која ние имаме и судска пресуда дека не сме виновни, но Федерацијата за да наштети на самиот клуб ги исфрли нашите членови и самиот клуб“, вели Нисев.
На ова од Боречката федерација велат дека „Олимпија“ е исклучена поради непочитување на Статутот и Правилниците.
„БК Олимпија од Штип согласно со одлуката на БФРСМ 2020 година е исклучена од членството на Федерацијата и Правилниците на нашата Федерација. БК Олимпија беше времен член на нашата Федерација и поради нивните административни пропусти на раководството не му е издадено на клубот решение за вршење на дејност спорт од Агенцијата за млади и спорт. Согласно со Законот за спорт, БК Олимпија нема право да организира ни тренажен процес.“ – велат од Боречката федерација.
Од Федерацијата додаваат дека со нивните дезинформации се пренесуваат невистини меѓу членовите и нивните родители, а вината е во неспособноста на раководството на клубот кое веќе две години не разговарало за надминување на ситуацијата.
Ребека Спасова М-Нет