
Нова, бетонирана улица доби ромското маало во Штип. Акцијата е во рамки на проект преку Институтот „Ромалитико“, а е во насока на подобрување на условите за живеење на ромската заедница. Пристапната улица е во полза на педесетина куќи коишто живеат во овој дел од градот и нема да биде последен ваков проект во Штип.
„Денес сме тука да ја промовираме денешната акција, една од многуте, коишто се спроведуваат низ 17 општини. Во Штип адресираме еден од проблемите којшто постои повеќе од 50 години, заедно со локалната ромска заедница успеавме да ја спроведеме оваа акција. Тука живеат околу педесетина семејства коишто имаа пристапен пат, но беше земјен, затоа успеавме да ја поставиме оваа мрежа и да го бетонираме патот“, истакна Суад Скендери, проектен директор.
Неасфалтираните улици се чест проблем во ромските маала, велат од Институтот, па во насока на решавање на проблемите со коишто се соочуваат ќе продолжат со уште неколку проекти во Штип. Овде посочуваат и на проектот за типски куќи.
„Во план сме да реализираме уште две акции во општина Штип, со иницијатива на ромската заедница. Во план сме на ул. „Широк дол“ да се асфалтира околу 40 метра, да се постави бетон. Исто така, на ул. „Черења“ е потребно да се постави потпорен ѕид околу 40 – 45 метра. Ние знаеме дека во ромските маала или заедници секојдневно имаме проблем со неасфалтирани улици. Заедно со Општината и градоначалникот имаме потпишано меморандум за еден поголем проект на ул. „АСНОМ“, каде што ќе се прават и типските куќи.
Акцијата за бетонирање на улица финансиски е поддржана преку проектот, но и од самата ромска заедница, од каде прибрале околу 9.000 денари. Дополнително, Ромите коишто живеат на оваа улица помогнале во реализацијата без никаков финансиски надоместок. Вкупната вредност на овој проект е околу 80.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет