Беса со новиот тренер Берат Имери го чека Вардар, Тиквеш во Штип против Шкендија, Воска оди во Струмица!

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет

По завршувањето на репрезентативната пауза в недела ќе се одиграат натпреварите од 10. коло на Првата македонска фудбалска лига.

Штипјани ќе имаат нова можност да следат прволигашки фудбал откако Тиквеш одлучи да игра против Шкендија на Градскиот стадион во Штип, бидејќи теренот во Кавадарци беше суспендиран од страна на ФФМ.

Веќе еден меч се одигра во Кичево, а со одигрување на мечот во Штип, екипата на Тиквеш ќе се врати да игра во Кавадарци.

Освојувачот на Купот ќе има тешка и важна задача против Шкендија да обезбеди позитивен резултат односно три бодови.

Брера на домашен терен против Воска ќе биде фаворит за нов триумф, кој доколку биде забележан Брера ќе има шанси да прогреси на табелата, но и да се зацврсти во средишниот дел од табелата.

Охриѓани на последните пет меча имаат четири порази и само едно реми, па за нив се освен пораз ќе биде позитивен резултат од гостувањето во Струмица.

Беса со новиот тренер Берат Имери на домашен терен ќе игра против Вардар дуел од долниот дел на табелата за трите бодови. Имери ќе дебитира на клупата на Беса против најтрофениот клуб, а од друга страна Вардар кој е во голема резултатска криза ќе мора да изнајде начин како да дојде до трите бодови и да излезе од опасната зона.

Дербито на колото ќе го одиграат засега двете непоразени екипи, лидерот Работнички ќе го пречека Гостивар. „Романтичарите“ играат во страшна форма, допадлив фудбал и на секој натпревар доминираат на патот кон освојување на титулата за која чекаат една деценија.

Гостивар освен што сака „виза“ за излез во Европа сака и титула, па сигурно е дека ќе биде неизвесно и одлично дерби.

Шампионот Струга против Силекс ќе мора да ги бара трите бодови и да направи притисок кон водечките екипи бидејќи стружани имаат четири бодови негатива во однос на лидерот Работнички, а фактот што лидерот игра со Гостивар и можноста за нивно евентуално реми се отвара шанса за Струга бодовно да се залепи зад нив.

Последниот меѓусебен дуел на двете екипи покрај Охридското Езеро понуди пет гола за триумф на кратовци од 2:3.

Пелистер на последните пет натпревари има една победа, три ремија и еден пораз, а сега на домашен терен ќе игра против Шкупи кој започна да се стабилизира резултатски, но се уште е далеку од врвот од табелата.

Трите бодови се императив и за двете страни, бидејќи со цел „плен“ може да значи и напредок на прволигашката табела.

Натпреварит се играат в недела од 14 часот.

Александар Ванев, М-Нет