Беласица стартува со подготовки на 2 јули – амбициите се повисок ранг!

Фудбалскиот клуб Беласица, член на Втората македонска лига, официјално го закажа почетокот на подготовките за новата сезона 2025/2026 на 2 јули.

Првата фаза ќе се реализира во домашни услови во Струмица, додека клубот планира и втора етапа од подготовките надвор од градот, најверојатно десетдневен мини камп за подигнување на физичката подготвеност.

Под водство на тренерот Александар Стојанов, струмичани ќе одиграат шест до седум контролни средби, преку кои ќе се темпира формата пред стартот на шампионатот. Имињата на противниците ќе бидат објавени во наредните денови.

Од клубот порачуваат дека амбициите за претстојната сезона се подигнати. Тренерот Стојанов потенцира дека екипата е за нијанса поискусна во однос на минатата сезона, а костурот на тимот останува речиси непроменет. Планот е да се надополни ростерот со 4-5 квалитетни засилувања кои ќе донесат нова енергија и подигнат натпреварувачкиот дух во соблекувалната. Целта е јасна – атак на едно од местата што водат во Првата лига.

Во следниот период, Беласица ќе започне и со промоција на новите имиња кои ќе го засилат тимот.

Александар Ванев, М-Нет