
Во ресорот култура се заштедиле 40%, Здравство заштедило само 2%, а Министерството за локална самоуправа потрошило дури 81% повеќе електрична енергија во споредба со истиот месец минатата година. Министерот за економија, Крешник Бектеши, ја соопшти статистиката од штедењето, според која остварена е вкупна заштеда од 20% на потрошувачка на електрична енергија.
„Согласно податоците, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25%, кај Министерство за внатрешни работи 21%, Министерство за култура 40 %, Министерството за образование 35%, Министерство за политички систем 22%, Министерство за транспорт и врски 30%, Министерство за труд и социјална политика 36%, Министерство за финансии 32%, Министерство за економија 30%. Од друга страна најмала заштеда е направено во административната зграда на Министерството за здравство од 2%, по што следат Министерството за надворешни работи од 8% заштеда и Министерството за одбрана од 8% заштеда. Собранието заштедило 29% од потрошувачката на електрична енергија, додека кај Кабинетот на претседателот заштедата е 17%“, истакна Бектеши.
Од претпријатијата, „Водостопанство“ трошело најмногу електрична енергија, а само девет оствариле заштеда од 15%. Штедењето сериозно го сфатиле и 56 општини кои успеале да направат заштеда на електрична енергија поголема од 15%, а останатите 25 не го оствариле тоа. Најмногу отстапуваат Арачиново, Гостивар, Свети Николе.
„Исто така во, анализата на потрошувачката на електрична енергија покажува дека заштедата кај претпријатијата во државна сопственост изнесува 8%, а опфатени се вкупно 17 државни компании. Од нив 9 субјекти оствариле заштеди од минимум 15% во месец септември 2022 година споредено со истиот месец во 2021 година, пет субјекти оствариле заштеди помалку од 15%, два субјекти имаат поголема потрошувачка на електрична енергија“, додава Бектеши.
Вкупно 111 институции се снабдуваат на краен снабдувач по многу повисока цена, а најголем број од тие институции се основни и средни училишта, по што следат министерства и здравствени установи. Според Бектеши, податоците покажуваат дека доколку сите сме рационални, може да се дојде до големи заштеди на електрична енергија.
Ребека Спасова М-Нет