Безмалку 40 години, Александар од виничко одгледува пчели и произведува мед

Безмалку 40 години Александар Спасов од виничко се занимава со одгледување на пчели и производство на мед. Моментално одгледува околу десет пчелни семејства од кои добива мед и истиот го пласира на пазарот во Виница. Го нуди на граѓаните по цена од 450 до 500 денари за тегла со цел секој да може да си дозволи, да си купи тегла мед.

„Јас се бавам со пчеларство од 1985 година па наваму. Имам околу десет семејства. Медот го давам од 450 до 500 денари тегла. Се што има на тезгата се е од пчелите.“ – вели Спасов.

Проблем е што работи сам, но како што вели има голема желба да се занимава со одгледување на пчели и токму затоа и на повозрасни години произведува мед. Некогаш чувал по 40 до 50 пчелни семејства, денеска има само десет, но доволно за еден живот.

„Јас сум во повозрасни години и нема кој да ми помага, а сум многу мераклија и малку мачам се со тоа. Заработувачка нема којзнае колку голема, ама за егзистенција има за еден живот. Јас од десет семејства вадам по десет килограми мед од кошница. Претходните години сум имал и по 40, 50 ама сега имам максимум десет килограми од семејство.“ – вели Спасов.

Половина мед за него половина за пчелите, на тој начин се добива доволно количина за да може да се продава и на пазарот. И прехраната вели ја врши исклучиво со мед.

„Јас прехрана правам само со мед, исклучиво со мед. Можам и повеќе мед да добијам, ако ставам повеќе прехрана“ – додава Спасов.

Пчелите на Спасов се во село Лаки, и во село Истибања, виничко. Дециден е дека условите и на двете места се подогдни за одгледување пчели и производство на мед.

Лаура Стојанова, М-Нет