
Утре започнува новата сезона од Втората македонска фудбалска лига која ќе биде 33. издание.
Во новата сезона ланските прволигаши Македонија ЃП и Брегалница ќе бидат први фаворити за првите две места кои директно водат во Прва лига, додека пак Башкими има отворени амбиции за Прва лига, Детонит Плачковица кој лани играше бараж за Прва лига, сака да го повтори успехот, но и да се бори за првите места за директен влез, а во трката за Прва лига влегуваат Арсими, Охрид и Кожуф кој сака да биде пријатно изненадување оваа сезона.
Првото коло го носи соочување на Македонија ЃП и Охрид во меч каде „лавовите“ ќе бидат на тест колку се подготвени за експресен кам бек, во Штип ќе се игра дерби на два фудбалски брендови, екс прволигашите Брегалица и Победа. „Сините“ на Трајче Сенев немаат право на грешка на стартот на сезоната, а пак Победа која минатата сезона преку бараж остана во Втора лига, сака да има сигурен и директен опстанок со млада екипа, па за нив секој бод од ваквите тешки натпревари ќе биде важен. Всушност Победа лани беше првата која го запре Детонит Плачковица на домашен терен.
Осогово во новата сезона отвара против Вардар Неготино во меч каде „жетварите“ ќе сакаат три бода против противникот од Неготино кој доаѓа во изменет лик во однос на ланската сезона. Осогово има цел за директен опстанок и да се избегне ланското сценарио кога во последното коло се спаси од испаѓање, а пак Вардар Неготино сака да го повтори ланскиот успех.
Во Гевгелија се очекува израмнет дуел на Кожуф и Каменица Саса. Домаќинот во новата сезона сака да биде пријатно изненадување, а пак „рударите“ сакаат да бидат стабилен второлигаш со цел да не се повтори ланската сезона кога во последното коло беше потврден опстанокот.
Екс прволигашот Скопје како фаворит ќе го пречека новиот второлигаш Вардарски од Богданци, екипа која после долги 27 години одново ќе заигра во Втората лига. Детонит Плачковица на домашен терен ќе го пречека Новаци во обид да ја продолжи низата од минатата сезона без пораз на домашен терен. Новаци помина низ успешни подготовки и успешни пријателски натпревари, а тоа ќе биде доволна причина за претпазливост на радовишани.
Натпреварите од првото воведно коло ќе се стартуваат во 17 часот, а на телевизија М Нет ќе може да го проследите натпреварот меѓу Брегалница и Победа преку директен пренос.
Александар Ванев, М-Нет