Баскет Кам од Македонска Каменица по четврти пат шампион во Првата женска кошаркарска лига, прва титула за штипјанката Ива Дојчинова!

Екипата на Баскет Кам од Македонска Каменица е старо-нов шампион на Македонија, откако ја освои четвртата по ред титула во Првата женска кошаркарска лига на Македонија.

Кошаркарките на Баскет Кам со 3-0 во финалната серија беа подобри од Крива Паланка, од кои двете беа извојувани во Македонска Каменица, а третата во Крива Паланка.

Штипјанката Ива Дојчинова која настапува за Баскет Кам ја освои првата титула во својата кариера.

„Ова ми е прва титула и сум многу задоволна од целиот тим од стручниот штаб и сум пресреќна што освоиме титула со овој тим“, рече Дојчинова.

Дојчинова за М Нет телевизија истакна дека имале голема поддршка од публиката и дека атмосферата била одлична.

„На домашен терен мислам дека беше полесно бидејќи публиката беше нашиот шест играч, во Крива Паланка не ни сметаше публиката, си ја игравме нашата игра и ги победивме“, дополнува Дојчинова.

Баскет Кам со 3-0 во серија ја доби екипата на Крива Паланка, а Дојчинова вели дека натпреварите биле тешки.

„Беа тешки натпревари, но ние бевме дополно подготвени за да ги победиме и бевме многу мотивирани. Се надевам дека со Баскет Кам ќе продолжиме да освојуваме титули“, додаде Дојчинова за М Нет.

Третиот натпревар екипата на Баскет Кам против Крива Паланка го доби со резултат од 67:49 за 3-0 во серијата.

Александар Ванев, М-Нет