Атила Бижен Жалили: Ајде да го направиме Вардар повторно голем!

ФОТО: ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар и официјално доби нов сопственик од Унгарија, со 85% од акциите на клубот односно АД ФК Вардар – Скопје, со тоа и управувачкиот пакет на друштвото. 

Нов сопственик на клубот е Атила Бижен Жалили, кој преку соопштение порача, Вардар одново да го направат голем, а истакна дека за брзо време ќе има финансиска стабилност и резултатска стабилизација.

„Задоволство ми е да ја информирам македонската јавност дека од 7.10.2024 година, според претходно потпишан договор, 85% од акциите на АД ФК Вардар – Скопје се преземени со управувачкиот пакет на компанијата. Имаме повеќегодишно искуство во менаџирање на големи фудбалски клубови и соработка со многу познати фудбалски клубови во Европа, ветуваме брза финансиска, организациона и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија. 
Во изминатите години, како дополнување на нашите бизниси кои ги имаме, нашата цел беше да превземеме клуб од Централна Европа или Балканот. Имавме неколку опции, но благодарение на аргументите кои ни претстави г-дин Миленко Неделковски, се решивме за најголемиот спортски бренд во Македонија. Ајде да го направиме Вардар повторно голем.“, стои во соопштението на новиот сопственик на Вардар.

Вардар е во долниот дел од табелата со два последователни порази во низа од по четири кола, а по паузата ќе игра со Беса во Гостивар.

Александар Ванев, М-Нет