Атанасов и Здравков со апел – да не се исфрла пепелта во контејнерите за да не дојде до запалување

Запалените контејнери сѐ почеста слика низ Штип. Со почетокот на грејната сезона и исфрлањето на пепелта, ТППЕ Штип сѐ почесто интервенира на запалени контејнери, истовремено ЈП „Исар“ има сѐ поголеми загуби од истото. Како што истакна командирот на ТППЕ – Штип, Тони Атанасов, не станува збор за опасни пожари, меѓутоа тоа се интервенции кои залудно го трошат времето на пожарникарите од единицата.

„Откако е почната грејната сезона имаме почесто појави на запалени контејнери, така што во последните седум дека имаме пет такви интервенции. Значи, се соочуваме со еден проблем којшто се случува во градот со што почесто интервенираме на овие контејнери. До запалување доаѓа кога нашите сограѓани фрлајќи пепелта од своите шпорети, ја фрлаат заедно со жарот. Така се запалува контејнерот од внатрешна страна и понатаму се пали и самиот контејнер. Штетите се на страната на ЈП „Исар“, но исто така и ние губиме време и сила при извршување на овие интервенции“, истакна Атанасов.

Според в.д. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, ова придонесува за загуба кај јавното претпријатие, меѓутоа олеснителна околност е тоа што јавното претпријатие повеќето пластични контејнери ги има заменето со метални.

„Од изминатите години јавното претпријатие трпеше значителни штети од палење контејнери, бидејќи поставените контејнери беа од материјал пластика и истите при исфрлање на пепел, жар и отпушоци се палеа во зимскиот период, па моравме истите да ги заменуваме. Заменувавме по пет до седум контејнери месечно, што на годишно ниво би дошло околу 50 контејнери да бидат оштетени и истите мора да се набават повторно, да се заменат. Од оваа година имаме поставено метални контејнери, коишто од истите причини се палат, но штетата не е толку голема, бидејќи истите не согоруваат и може повторно да се употребуваат“, истакна Здравков.

И Атанасов и Здравков со апел до граѓаните порачаа пепелта да не се исфрла во контејнерите со цел да се спречи нивно запалување, а да се намалат штетите кај јавното претпријатие и изгубеното време кај противпожарната единица.

„Апелираме во зимските денови граѓаните да не исфрлаат пепел, жар и отпушоци во контејнерите, бидејќи може да настанат и некои други несакани последици“, апелираше Здравков.

„Би апелирал до нашите сограѓани да не ја фрлаат жарта во контејнерот, туку претходно да ја изгаснат, а само пепелта да биде фрлена. Со тоа би заштедиле значителни средства на ЈП „Исар““, додаде Атанасов.

Една од многуте интервенции на ТППЕ Штип на запален контејнер беше пред два дена во населбата Осми ноември, каде за кратко време беше интервенирано со едно возило и двајца пожарникари.

Ребека Спасова М-Нет