
На 7. септември ќе започне новата сезона во женската ракометна Суперлига на Македонија со натпреварите од првото коло, сезона која ќе биде во поинаков форма во однос на ланската сезона.
Како што веќе информираше телевизија М Нет новата сезона ќе биде во формат од три групи по пет екипи, откако шампионот Ѓорче Петров пријави втора екипа, па така во новата сезона од 14 екипи има зголемување на 15 екипи.
Двете најдобри екипи од секоја група по завршувањето на регуларниот дел ќе обезбедат место во плеј-офот каде ќе разигруваат за титула, а сите останати ќе бидат во плеј-аутот.
Штипскиот суперлигаш Астибо новата сезона ќе ја започне против Скопје на гостински терен, Ѓорче Петров одбраната на титулата ја стартува со гостување кај екипата на Шампион, Пелистер ќе биде домаќин на Гевгелија, Овче Поле на домашен терен ќе игра против апсолутниот фаворит Металург Автокоманда.
Екипата на Деспина сезоната ја започнува против Вардар, додека пак Чаир ќе игра со Стружанка.
Во однос на групите како што веќе информиравме, во групата А сместени се екипите на Стружанка, Чаир, Астибо, Скопје и новата екипа Ѓорче Петров 2. Во групата Б ќе бидат екипите на Гевгелија, Куманово, Пелистер, Овче Поле и Металург Автокоманда, а во групата Ц екипите на Ѓорче Петров, Вардар, Деспина, Спартак и Шампион.
Александар Ванев, М-Нет