Ангелов: Дојдете да помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци, гаснејќи ги пожарите

По 2.150 евра за тримесечен ангажман ќе добијат искусни кадри кои ќе се вклучат во гаснењето шумски и пожари на отворен простор. Дирекцијата за заштита и спасување бара лица со најмалку пет години искуство во полицијата, армијата или противпожарните единици за засилување на тимовите во пресрет на летната сезона. Директорот Стојанче Ангелов оттаму, рече дека се потребни возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи и лица за работа на терен со водни ранци и метли.

Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејки ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас.

Работното време ќе биде прилагодено на потребите за справување со пожарите на отворен простор односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари и се останува додека има потреба и услови за дејство.

Користењето на слободни денови ќе се договора во зависност од потребите на теренот и од потребите на ангажираните лица. Воедно се погриживме да имаат доволно слободни денови за да можат да заминат на однапред планиран летен одмор.

Кандидатите треба да имаат најмалку петгодишно полициско, армиско или пожарникарско искуство, без разлика дали се во пензија или од други причини ги напуштиле или се отстранети од редовите на Полицијата, Армијата или Противпожарните единици. Потребно е да се здрави и во добра психофизичка кондиција соодветна на возраста.”, вели Ангелов

Пензионерите кои ќе бидат ангажирани нема да го изгубат правото на пензија, а дополнително ќе добиваат по 44 илјади денари месечно преку договор на дело. Пред да бидат распоредени на терен, кандидатите ќе поминат здравствени проверки, кратка противпожарна обука и ќе добијат соодветна униформа и опрема.

Доколку се во пензија нивната пензија тече, не се прекинува, а за ангажманот со договор на дело во ДЗС ќе добијат дополнителни 44.000 денари месечно нето или 132.000 денари за три месеци (2.150 евра).

Ние ќе организираме соодветни здравствени прегледи, основна проверка на нивната психофизичка состојба, кратка и ефективна противпожарна обука, ќе добијат противпожарна униформа и неопходна опрема, а потоа ќе започнат со организирано учество најпрво во полесни и поедноставни пожари а подоцна и во други пожари каде ќе има потреба од подршка на локалните сили, на територијата на Македонија.

Како што подвлече Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување како институција не бара масовност, туку конкретни вештини и подготвеност за работа на терен во справување со пожарите. Целта, како што нагласи, е да се зајакнат капацитетите со искусен и обучен кадар во пресрет на летната сезона.

Иван Митев, М-Нет