Амбицијата за вклучување на Преспа во листата на светско наследство на УНЕСКО мора да ја унапреди веќе ветената заштита, велат од Македонското еколошко друштво

По минатонеделната средба на министрите за култура на Албанија, Грција и Република Северна Македонија во Преспа, Грција, прекуграничната мрежа „ПреспаНет“ ја поздравува иницијативата за разгледување на можноста за заедничка номинација на прекуграничниот регион Преспа како мешано природно и културно наследство на УНЕСКО. Ова отвора голема можност одново да се сврти меѓународното внимание кон заедничкиот предел кој има исклучителна биолошка разновидност, културно наследство и живи традиции и да се зајакне соработката за неговата иднина, велат од Македонското еколошко друштво.

Признавањето на Преспа како дел од светското наследство би можело да има значајни придобивки за регионот и тамошното население. Ова би можело да го подобри неговиот меѓународен углед, да ја зајакне јавната и политичката поддршка за зачувување на езерата, дивиот свет, спомениците и културните предели, како и да помогне во обезбедувањето на експертиза, партнерства и ресурси за негова заштита. Заедничката номинација би можела да поттикне заеднички пристап во истражувањето, следењето и управувањето на прекугранично ниво, а меѓународното известување и надзорот би можеле да ја зајакнат одговорноста за заштита на вредностите на ова подрачје.

За локалните заедници, пак, признавањето би можело да создаде можности за внимателно управуван туризам базиран на природното и културното наследство, поткрепен со заедничко толкување и промоција на наследството на регионот. Ова би можело, исто така, да ја зајакне гордоста што произлегува од разновидните традиции во Преспа и да ги продлабочи врските меѓу заедниците од трите земји, соопшти Македонското еколошко друштво.

Подеднакво значаен би можел да биде и самиот подготвителен процес. Имено, преку собирањето докази за природните и културните вредности, усогласувањето на приоритетите за зачувување и воспоставувањето на ефикасен систем за заедничко управување би можело да се изгради доверба и да се подобри соработката пред да се донесе каква било одлука за впишување на Преспа на листата на УНЕСКО. Искуството од трилатералното подрачје на Ваденското Море (Холандија, Германија и Данска), кое е дел од светското наследство, е пример дека меѓународното признавање може да се темели на претходно воспоставен рамковен систем за соработка меѓу соседните земји.

Таква рамка за Преспа веќе постои. Пред 26 години, на 2 февруари 2000 година, претседателите на владите на трите соседни држави го прогласија формирањето на Прекуграничниот „Парк Преспа“, обврзувајќи се на заштита и одржлив развој на Преспанскиот слив. Во 2010 година, трите држави и Европската Унија го потпишаа Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на „Паркот Преспа“, кој стапи на сила во 2019 година. Тој експлицитно го признава природното и културното значење на преспанскиот слив и предвидува институции за заедничко дејствување.

Но, јазот помеѓу дадените заложби и нивното спроведување до ден-денес останува голем. И покрај неодамнешните активности за ажурирање на Стратегискиот акциски план, заедничките институции и натаму се соочуваат со недостиг на континуирана државна вклученост и ресурси кои се неопходни за плановите да се преточат во координирани активности. Постојаните повици на Мрежата „ПреспаНет“ за нивно ефективно спроведување и за сигурно финансирање досега не вродија со плод. Ова не е само мислење на невладините организации, туку е документирано и во препораките на Рамсарската Конвенција упатени до трите држави оваа година. Во меѓувреме, Сливот се соочува со сè поголеми еколошки и социјални притисоци, поврзани особено со климатските промени и опаѓањето на нивото на водата. Заштитата на Преспа не треба да зависи од временската рамка за некое идно нејзино номинирање како заштитено подрачје.

Според оперативните упатства на УНЕСКО, државите што предлагаат прекугранично подрачје треба да формираат заеднички комитет за управување или слично тело што ќе раководи со целото номинирано подрачје. Оттука, со реактивирање и со обезбедување соодветни ресурси за институциите на „Паркот Преспа“ би можело да се спроведат и постојниот Договор и предложената номинација за светско наследство.

„ПреспаНет“ ги повикува трите влади и Европската Унија експлицитно да ја условат новата иницијатива со спроведувањето на Договорот од 2010 година. Министерствата надлежни за култура и животна средина треба да соработуваат согласно рамката за „Паркот Преспа“, вклучувајќи ги притоа локалните власти, управувачите со заштитените подрачја, научниците, граѓанското општество и жителите. Итен приоритет треба да им се даде на редовните состаноци на заедничките тела, функционален секретаријат и работна група за управување со водите, сигурни финансии од засегнатите страни и заеднички договорена програма на практични мерки, со точно утврдени одговорности, рокови и јавно известување за напредокот.

Секоја идна меѓународна номинација – а особено долгиот подготвителен процес што ѝ претстои – мора цврсто да се заснова врз четиристраниот Договор за „Паркот Преспа“ од 2010 година и врз неговото спроведување. Номинацијата треба да ги зајакне институциите, знаењето и заедничкото дејствување без кои воопшто не би било можно да се заштити Преспа. Веродостојната амбиција за стекнување статус на светско наследство започнува со остварување на заштитата што трите држави веќе ја ветиле за овој заеднички слив и за неговото население, се додава во соопштението на Македонското еколошко друштво.

„ПреспаНет“ ги обединува Македонското еколошко друштво (Република Северна Македонија), Здружението за заштита и зачувување на природата во Албанија (Албанија) и Друштвото за заштита на Преспа (Грција) во мрежа на невладини организации за зачувување и одржлив развој на Преспанското сливно подрачје и пошироко.

Текстот Амбицијата за вклучување на Преспа во листата на светско наследство на УНЕСКО мора да ја унапреди веќе ветената заштита, велат од Македонското еколошко друштво е превземен од МАКФАКС.