Аеродром славеше над Текстилец – штипјани со пораз ја затворија 2025 година

Ракометарите на Текстилец го загубија дербито од средината на табелата со тимот на Аеродром, откако скопскиот тим славеше со 37:32 во последното есенско коло на Првата лига.

Од самиот почеток домаќинот започна да гради резултатска предност со која постено се одлепуваше во однос на тимот од Штип, па така на полувреме Аеродром имаше 20:15 односно плус пет. Во вториот дел од мечот беше рутина за скопскиот тим кој со победа од 37:32 ја затвори 2025 година.

Со по седум гола најдобри стрелци беа Давид Аврамовски и Михајло Атанасовски, додека пак кај Текстилец најдобар стрелец беше Филип Џинес кој воедно беше и најдобар на самата средба.

Што се однесува до останатите натпревари тимот на Драчево Јуниор забележа убедлива победа над Шампион од 26:43, а пак Партизан немаше проблем и како на тренинг рутински го доби „фенерџијата“ Кичево со високи 44:26.

Јехона со тесни 23:25 славеше над гостувањето во Ресен над Преспа, а пак Вардар Неготино убедливо го доби составот на Овче Поле на домашен терен со 43:34.

Колото се затвара утре со натпреварот меѓу Мулти Есенс и Македонија Ѓорче Петров, со што ќе биде познат конечниот изглед на самата табела, иако овој натпревар нема да има големо влијание на самата табела по одигрувањето на истиот.

Есенски шампион без ниту еден пораз во Првата ракометна лига е Младост од Богданци со максимален ефект односно 12 победи од 12 натпревари и 24 бодови на своето конто.

Александар Ванев, М-Нет