„Агро-наука и пракса“ на УГД – министерот Николовски на презентација на теми од земјоделството

Меѓународно научно-стручно советување со презентација и дискутирање за резултатите од полето на земјоделството се одржа денеска во Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Со намера да се обединат сите релевантни фактори од земјоделскиот сектор за споделување на знаење искуство и проблеми „Агро-наука и пракса“ ќе се одржи денес и утре.

„Интересот од колегите од нашата држава и од Србија и Бугарија е на задоволително ниво и ќе се презентираат, имаме повеќе од 12 – 13 усни презентации и 23 постерни презентации на актуелни теми коишто го засегаат земјоделското производство. Во оваа прилика се заблагодаруваме и на нашите студенти, но и на идните студенти кои ги мотивираме да работат“, истакна деканката на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсов.

На научно-стручното советување присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој обрати внимание на стипендирањето на студентите. Посочи и дека нивен следен чекор е не само да отворат можности за практиканти во Министерството за оние коишто се последна година на студии, туку да се креира и нова програма која ќе се однесува на тоа како средношколците да бидат мотивирани да се запишат на овие факултети.

„Ја повторивме и успешната приказна со новата програма за стипендирање за првпат во овие 30 години на студенти на земјоделски, шумарски и ветеринарни науки и тоа не со најниска, туку директно со највисоката стипендија од 18.000 денари во графата со оние кои изучуваат математика, физика и останатите најважни природни науки. Успеавме со наши пари, со наша програма, со наши средства, преку одлука на Владата, да ја промениме оваа програма и да обезбедиме 18.000 денари месечно за девет месеца за студентите кои се на овие насоки. Верувам дека оваа програма ќе ја зголемиме“, истакна Николовски.

Главните цели на ваквите активности е да се направи мост и силна комуникација помеѓу научно-истражувачката и практичната работа во земјоделскиот сектор. Министерот Николовски посочи и дека научниот сектор е особено важен, бидејќи ниту една одлука не е донесена без консултација со нив.

Ребека Спасова М-Нет