Брегалница тешко оштетена во Кратово, поништен чист гол на „сините“ за победа против Силекс

Брегалница на гостувањето во Кратово, во рамки на 27. коло од Првата лига ремизираше без погодоци (0:0) против Силекс, но штипските „сини“ беа оштетени во овој дерби меч за освојување на 4. место кое на крај може да обезбеди излез во Европа, доколку Струга Трим Љум го освои Купот на Македонија.

Во анализата на Судиската комисија при ФФМ се вели дека во 71. минута е направена погрешна проценска на вториот помошен судија – поништен гол во погрешно досудена офсајд позиција.

Главен судија на овој меч беше Ндерим Тефику, а негови помошници беа Слаѓан Марковски и Мартин Петковски.

Играч од нападот на гостите прими долга топка од соиграч, биеше кон голот на домашните, голманот на домашните кратко ја одби топката и таа дојде до друг соиграч од екипата на гостите кој во моментот на ударот кон голот на гостите се наоѓаше позади својот соиграч и постигна гол.

Погрешна одлука на вториот помошен судија што досуди офсајд позиција, голот беше регуларен, бидејќи играчот што го постигна голот во моментот кога неговиот соиграч ја упати топката кон голот на гостите, се наоѓаше позади играчот што ја упати топката.

Брегалница е на петото место на табелата со 37 бодови и само три бода помалку од Силекс кој е на четвртото место. Борбата за четврото место продолжува, а веќе в сабота Брегалница дома ќе игра против Шкендија, додека пак Силекс ќе биде домаќин на Македонија ЃП.

До крајот секој бод ќе биде важен и за двете екипи токму за освојува на четворото место, а штипските „сини“ предводени од Горан Здравков не знаат за пораз во пролетниот дел во Првата македонска фудбалска лига.