Авто трка завршила со трагичен крај

На самиот крај од патеката предвидена за реализација на авто трката на ридско-брзински автомобилски трки, која вчера се одржуваше на регионалниот пат Пробиштип-Кратово, еден од учесниците, со иницијали А.К,  со возило „хонда сивик“ без регистарски ознаки, удрил во еден од судиите, кој бил и директор на трката.

Поради тешките повреди со кои се здобил 62 годишниот К.А. веднаш бил пренесен во пробиштиската општа болница, но поради сериозноста на повредите од таму бил препратен во Медицински центар Штип.

За жал, по патот до Штип починал.

За починатиот, но и зборови на сочувство до неговото семејство, изрази градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.

-За жал, вчера на самата трка, односно првата класа, се случи еден немил настан, каде што еден од возачите на самата крајна делница, односно на самиот финиш изгуби контрола каде настрада еден од судиите, односно директорот на самата трка. Човек којшто пола од својот животен век го поминал на ридско-брзински трки, пријател на сите во Федерацијата и израз на жалење и сочувство до семејството и автомобилската федерација – истакна Анастасов во телефонски разговор за Мнет.

Увид на лице место е извршена од екипа на СВР Штип и Јавен обвинител, а телото било предадено на обдукција. Се` уште нема официјална изјава по направениот увид на овој несреќен случај.

Авто трката која резултираше со трагичен крај, била организирана со намера да се врати Пробиштип на автомобилската карта, дознаваме од градоначалникот Драган Анастасов, со цел љубителите на ридско-брзинските трки да бидат дел од настан кој ретко се одржува во државата.

Настанот беше организиран од Автомобилската федерација на Македонија, под покровителство на Општина Пробиштип.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ