
Штипјани очекуваат законот за цигарите да стапи на сила и конечно да се стави ред во рестораните и кафичите. На терен тие се едногласни, без казни нема да има дисциплина.
Велат, не може едни да уживаат, а други да се гушат во чад. Непушачите реагираат дека со години го вдишуваат туѓиот чад од цигари и си одат дома со умирисана облека.
Штипјани и понатаму сметаат дека законот треба да стапи на сила што побргу, со цел да има решение. Велат дека одлуката за нив ќе донесе многу промени во општестово, додавајќи дека ќе се намали и бројот на пушачи.
Забраната ќе важи и за електронските цигари, а дополнително ќе се укинува производството и продажбата на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Планирана е и забрана за пушење во автомобил доколку во него има дете, како и на пазари, автобуски и железнички станици.
Цигарите повеќе нема да смеат да бидат јавно изложени во маркетите, а ќе се забранува и нивно рекламирање. Од Министерството велат дека целта е заштита на јавното здравје, имајќи предвид дека над 45% од возрасните во земјава се пушачи и околу 4.000 луѓе годишно умираат од болести поврзани со пушењето.
Иван Митев, М-Нет